22/03/2007
Пит Буљон
Се родил во Америка како Петре. Родителите, доселеници таму, биле пресреќни што чедото им е умно на тато и убаво на мама. Во училиште секогаш прв. Еден ден, додека соучениците му занесено цртаа цвеќенца, Пит почна да им разјаснува за улогата на пчелите во цветањето. Учителот го прати кај директорот и Пит, прв пат, последен излезе од училиштето. На пат кон дома го пресретнаа тројца бабачковци, го одвлекоа во густежот парковски и најмалку три пати му покажаа каде мажите расцветуваат. Со каубојски од, тргна кон родителите но стигна во филмскиот град. Кариерата му ја загарантира познат режисер, мајстор за сцени со јавање. Еднаш, при посета на ранч, веќе славниот Пит Буљон посака да проба јавање со вистински коњ. Велат, соѕвездието Пегаз е последното што го видел пред да му испрснат очите.
14/03/2007
Стрве Суџук
Кога го вадеа од мајка му, со двете раце беше фатен за папочната врвца. И ја глодаше. Што ќе му дојдеше до рака, во уста го пикаше. Подоцна почна да пика два прста во уста за да се испразни убаво, па да може да продолжи со лапањето. А лапаше сé. Сé што ќе начекаше муфте. Ќе прошеташе низ канцелариите, па кај ќе најдеше нешто изложено на маса ќе си се самопоканеше и ќе се послужеше - дур не се дотрошеше. Најмерак му правеа ѓезмињата со ракијчка на кои даваше свој придонес носејќи производи за салата од неговата нивичка. Најчесто полметро долги краставици, дебели и со убава жолта боја. А тој пожолте, лесна му земја, кога начека на една маса куп апчиња. Се разбира, погрешни.
13/03/2007
Дибе Мутлаков
Роден во вода цел живот уживаше во неа. Тренираше пливање, потоа стана главен во водоводното претпријатие. Мерак му беше да полива трева, па пензионерските денови ги минуваше со цревото в рака. Ќе го извадеше од сабајле и до 14 часот сосетките од трети спрат нагоре ниту ручек можеа да направат, ниту куќа да потсредат - немаа притисок во водоводните цевки. А Дибе се правеше мутав на нивните пцости и клетви. Си го полеваше дворчето, потоа улицата, па пак дворчето и така до ручек. Приквечер пак. Нормално со вода за пиење, оти тој плаќаше паушално. Едно утро посегна по чешмата да си наполни чаша вода за почеток на секојдневниот ритуал. Но од чешмата ни капка. Почнале рестрикциите, ќе сме штеделе за идните генерации. Дибе собра вода од своите телесни резерви, плукна сочно, рече: „Подобро во пеколот отколку овде“ и замина.
Ламбе Шуткоски
Чуден живот живееше Ламбе. Имаше стан и некоја пензијчка од старите, ама не - тој си имаше мерак на контејнери и буништа. По цел ден се плеткаше по ѓубриштата. Ќе присобереше по некое шише или железо за продажба, ама најмерак му беше да си запали оган крај ѓубриштето, да си земе пиво од некое блиско дуќанче и да ужива во огнот. Гледаше како во огнот полека се губи ѓубрето и си размислуваше за којзнае што. Еднаш огнот му дошепнал трајно решение за проблемот со ѓубрето: место во депонија, ѓубрето да се истура во вулкански кратер. Ламбе конечно беше среќен. Нам ни остави аманет да најдеме активен вулкан. Подоцна, некои тврдеа дека им се јавил насон за да им каже оти се разочарал во рајот - немало буништа.
12/03/2007
Боце Ѕрѕалиев
Боце го завикаа Ѕрѕалиев поради неговата опседнатост со ѕрѕалиите. Некои ги викаат и кајсии, ама тој од раѓање знеше само за ѕрѕалии. Во сезоната ги јадеше уживајќи долго во секој залак. Семките ги сушеше и им се насладуваше кога ќе снемаше ѕрѕалии. Од што ги познаваше, горчлива семка немаше каснато. Страста го натера да смисли сопствени слатки кои ги нарече едноставно „Пупи од ѕрѕалии“. Врз топчиња од благо тесто втиснуваше половинки од ѕрѕалии и потоа ги печеше. Сите ги гостеше од срце, иако му пречеше што повеќето со потсмев ги нарекуваа „путкици“. Прв пат кога застана пред девојка која реши да го дарува сите свои убавини, Боце онеме. Залисано се насладуваше. Официјалната верзија вели дека умрел загрцнат со пупа од ѕрѕалија.
Рафе Здрвенџиски
Од мал се гледаше дека вратот ќе му биде кус и поширок од главата. Цврст и набиен сите му се плашеа. Во глава тешко нешто да му влегуваше, ама во негова рака од каменот сок излегуваше. Првин ги чуваше другарчињата, потоа дискотеките, па зградите и министерствата, за да стигне до претседателот. Куршум не го дупеше, два-три пати се уверија и душманите. Во очи ретко кој му погледнуваше, уште помалку на пат му застануваше. Сé дури еден ден Рафе не се удри гради в гради со една девојка со сите нишани дарувана. Погледи разменија, средба договорија. На средбата малку збореа многу се љубеа. Ништо не мириса поубаво од нејзината кожа - помисли Рафе опуштајќи се на креветот. И се здрви за навек.
10/03/2007
Спире Сопчев
Спире не спиеше ни секунда. Кај ќе стигнеше сопки ставаше. И во сон сопнуваше. Дерман немаа од него ни луѓето ни политичарите. Ќе те види, ќе те сопне. Ќе ги сретне, ќе ги сопне. Ем ги дружи, ем ги сопка. Ем ги служи, ем ги сопка. Сé живо сопна сé дур не се опна наземи од едно камче колку палче. Се спружи Спире со целата си снага, се залепи до патот како до најмил. Срам му беше да стане. Сите што ја видоа случката се мочаа од смеење. Како него да го помочаа, го обли една пот и не мрдна веќе големиот мајстор на сопките.
Усре Цуцкин
Се плашеше од мајка му оти се плашеше од вештерки. Се плашеше од татко му оти се плашеше од ѓаволи. Неучен остана од страв од книжниот прав. Од жени се плашеше, затоа не се ожени. Да работи не ни помислуваше плашејќи се да не стане нечиј роб. Друштво одбегнуваше, да не го зафркаваат. Пазаруваше само кога мораше. Но, покрај сé, тој бестрашно ги следеше сите собраниски седници. Гледаше, слушаше, бележеше. Дури, за своја душа, подготви и збирка парламентарни мудрости. Ѓаволот го натера да се пофали за своето дело. Нагрнаа кон него новинари од сите страни. Кога ја виде таа шума од микрофони, камери, светла, раце и апарати, Усре само крикна: „Не сакам да ме закопате, се плашам од темно!“ Ги ококори очите и се усра за последен пат.
02/03/2007
Фиљо Забутов
Снизок, проќелав со три четвртини расипани заби. Иако имаше тука и вино и ракија, сепак, со фино одржуван пивски стомак. Мераклија на добро мезе, ама и газе. Нема женска на која Фиљо не и оставил петпрстен отпечаток на задникот. Не бираше која ни чија е. Негово беше да ја исвирка, одмери и отпечати. Ако успее и да ја легне, уште подобро. А ако не легнуваа сами, тогаш играа и тупаниците. Женските солзи, додека ги штипе за бутовите, беа задоволство за Фиљо. Последниот пат налета на една која немаше разбирање за ретард-сексуализмот на Фиљо. Додека ја тепаше, таа му го одгриза ќебапот и му го напика во чмарот. Така и го закопаа.
Смоте Замлатески
Кога го извадија од стомакот толку беше замотан во мајчината папочна врвка што просто го задавија докторите. Се врати во живот откако сестрите добро го измлатија по задникот. Оттогаш обожуваше плескање по задник. Изучи за архитект, а се пронајде себеси во градењето пирамиди. Дури по деветтата го откри даночната полиција. Во затворот изгради мало царство - и чуварите му беа поданици. Откако некои се посомневаа дека живее господски во затворот, Смоте избега. Никој не дозна како, ниту каде. Последните муабети се дека на Кајманските острови пиел сок со првиот сосед - затворскиот управник.
Карилчо Чапатлиев
Велеше: „Ако мајка ми се чапатела четири часа за да ме роди, можам и јас да се чапатам, за да и се оддолжам.“ И се чапатеше Карилчо кај ќе стигнеше. Прв пат се расчапати кога учителот по физичко ги тераше да прават шпага. Толку лесно ја направи и толку учителот ја бендиса неговата шпага, што може да се каже оти со таа и следните шпаги школо заврши и човек стана. Со чапатење стигна толку високо што веќе опул не можеше да фрли ни врз своите, а не пак врз народот. Така, не виде кога му дојдоа, да го расчапатат меѓу две дрва, незадоволните. Потоа мораа да му ги врзаат нозете со јаже за да го собере во сандакот.
Ибре Зевзековски
Ибрик - шупливиот сад за носење вода нема врска со неговото име. Тоа му е од неговата чест извик: „И, бре!“ И, бре, белја! - рече кога ја изгуби љубовта на својот живот обидувајќи се да ја прстенува, при што таа загуби дел од прстот, а тој неа. И, бре, златна работичка изгубив! - се пожали кога пред тринаесетмина, за кои подоцна дозна дека биле Управен одбор, му подаде на несудениот му директор плико велејќи: „Еве, десет илјади, како што баравте.“ И, бре, нов, а не му работат кочниците! - рече кога на саем проба еден комбајн и со него покоси два-триесет посетители. И, бре, штета, ќе го мине животот по затворите! - коментираа оние што мислеа оти го познаваат. И, бре, не било толку страшно! - помисли кога, место на затворските, зачука на рајските порти. И, бре, зевзек! - призна кога го вратија оти самоубијци не примале.
Трутче Парталковски
Во шупата кај што се роди немаше со што друго да го завиткаат освен со партали и картони. Оти едно машко, го чуваа од работа. Кога наполни дваесет, му донесоа невеста да го чува и да работи за него. Жена му цел ден собираше старудии по градот, а дечињата, машала седум ги наклепа, беа распоредени, со подадена рака, по семафорите. Трутче, рано наутро, правеше напор да стигне до блиската меана и тука чекаше, пред фајронт, жена му да му го плати цехот и да го прибере дома. Една вечер жена му не дојде по него. Не дојдоа ниту децата. Стана сам да си оди. Изморен од напорот кој го направи, кога стигна веднаш се свалка во креветот да се одмори. И не стана - немаше кој да го разбуди.
Туфе Пантофла
Кога прв пат го покажале на татко му, толку му заличил на мала слатка туфничка што името веднаш било избрано. Туфе растел во фамилија каде ајвар правеле исклучиво мажите. На жените им било дозволено само да лупат пиперки, да додаваат сол и зејтин и да кажат кога е готов ајварот. Неговата пак жена, подоцна, смеела и да спростира алишта и повремено да зготви ручек. Инаку, главна задача и било да одговара на Туфевите прашања: „Што да правам? Кај ќе одиме? Ќе си легнеме?“ и слични. Поради верната дружба со високиот притисок сите го знаат зацрвенет како домат. Еднаш се скарале. Туфе прв пат во животот побледел и тргнал накај рајот. Стигнал ли никој не знае.
Поште Лешперски
Него навистина го донел поштарот. Татко му разбрал по неколку години, кога веќе сите знаеле за малиот Поште. Адвокатурата му била во крвта. Од мал го викале Дрвен адвокат, а потоа само се позлатил. Златна му била устата - од затвор вадел кој ќе плател. Ама не можел да става - цел живот барајќи дупки во законот си останал импотентен. Жена му немала ништо против тоа сé додека редовно им пристигала поштата, оти во неговата адвокатска канцеларија таа била задолжена да го прима поштарот. На неговото последно судење сред говор на противникот, со рака на срце, Поште рекол: „Приговор ... умирам...“ и првпат во судница ја изговорил вистината.
Зијанчо Дембелковски
Израснал со постојана грижа од двете баби. Татко му по цел ден на партиски состаноци, мајка му на маалски. Од што му било убаво со бабите, не сакал ни да помисли на училиште, а не пак да оди. Откако секретарката го информирала, таткото на Зијанчо морал да плати учители да доаѓаат дома да му го приучат синот. И убаво го приучиле, да не му умрел учителот ќе докторирал. Татко му му оставил пет-шест фирми да има колку за да преживее. И никогаш Зијанчо не останал со куси ракави. Особено не во коцкарниците каде редовно ја усовршувал својата вештост со картите. Пожар во казиното му го зафатил палтото и излегле на виделина неколку подгорени карти. Среќа што целиот имот бил препишан на жена му. Го зијанил само животот.
Трте Утка (Тасе Уткоски)
Се родил како Тасе во семејството Уткоски, ама еднаш го чекале другарчињата за на играње, а тој два саата се врткал, се трткал и оттогаш заживува Трте. Отишле на фудбал, по еден фаул Трте шутира пенал. Залет, шут и... место топката шутнат камен му ја скапува главата на голманот. Така се раѓа и Утка. Тасе У. останал да живее само во личните документи на Трте У. Сакал да студира режија, седнува во автобус и додека да сфати дека стигнал во погрешен дел на градот слободните места на факултетот се пополниле. Станал слободен уметник. Цртал графити сé додека на графитот „Мито во Влада“ не ја утне малата цртка на малото „а“ па на ѕидот да осамне „Мито во Владо“. Истоимените му другари со неговата крв го премачкуваат графитосаниот ѕид. Болничките документи велат оти заборавил да дише, а небеските списи оти таму не стасал - ја утнал адресата. Останува мистерија: од каде демне Трте Утка.
Страшо Трепетликовски
Два прста веѓи, орелски нос, стисната усна, испакната долна вилица - од изгледот му се плашеле. Отворел ли уста - чаши од маса подигал. Еден глас ко ќе пуштел, така ќе ти затопотело ушното тапанче што чиниш цела филхармонија ти е в уво пикната. За обезбедување цар бил. Кому Страшо грб му чувал тој топ не го биело. А самиот од ништо не се плашел. По минско поле со трчање шетал, со заби на гадовите врат им кинел, со гради куршум запирал, ако се барало тоа од него. Го убила кикирика. Му залетнала. Барал помош, ама никој немал храброст да му пријде. Првпат во животот, ококорил очи од страв. Така и му останале.
Доде Прцески
Крлеж, пијавица, напљувка, што вели народот. Ако ти се закачи - крај, ќе пожалиш стопати што си го сретнал, а не е чудо да се покаеш и што си се родил во негово време. Ти збор - он десет. На сé става капак, неговата е последна. Ако се заинаетиш нешто - ќе те гуши дур не попуштиш, само за да се откачиш од него. А и тоа е привид, оти тој те откачува ко ќе му здосади, а ти мисли си поинаку. Падна болен и легна во кревет - болнички. И се запијавичил на сестрата, толку ја замајал, што кутрата заборавила да му ја запре инфузијата. Му влегол воздух и Доде Богу душа даде. Се зборува дека му додеал и на Бога, па овој му дал нога. Сега, божем, Доде шетал по светов и пукал од мака што никој ниту го гледа, а уште помалку слуша.
Досе Токмакоски
Се досети Досе како да ги реши проблемите во градежништвото. Да се стави стоп на урбаната мафија. Издаде наредба со која градежните инспектори мораат да земаат десеткратно и многукратно повеќе пари за издавање дозвола. Ако на градителите им остане нешто и за мафијата, слободно нека и дадат. И се запре дивото градење, додуша и питомото, ама жртви мора да има. Сé толку убаво си дојде на свое место што некои дури предложија и споменик да му направат на Досе. Така и бидна. Една ноќ го стокмија Досета, го прелија со брзосушечки бетон и го фрлија во вода. Последната глетка му беше урбаниот хаос во подводното царство. Можеби и таму воспостави ред, којзнае?
Стравле Ксметовски
Се роди од страв да не се задуши во мајчиниот стомак. Ама имаше ксмет падна во добри раце. Го чуваа како бубрег, а тој, од страв да не се залои, на осумнаесеттиот роденден побегна од дома. Ксметот го однесе на богат брод, ама пустиот страв од вода го натера да го напушти бродот уште на првото пристаниште. Среќа било веднаш да му понудат работа. После испадна дека работата била со пиштоли и кутри Стравле, поради стравот од пукање, собра душа и се појави пред Главниот со молба да ја напушти организацијата. Пред да му свирнат куршум, за ксмет, се појави ќерката на Главниот, која, на прв поглед, во Стравле виде продолжувач на лозата. На денот на свадбата Стравле не сакајќи и го нагази фустанот и невестата се стркала стотина скалила удолу. И овој пат Стравле имаше ксмет. Му откажа срцето пред да умре од страв и мисла што ќе му стори Главниот.
Брле Ајвановски
Негова идеја, а богами и успешна реализација, е преспојувањето на млечните жлезди кај кравата со мочниот меур. Со тоа, како што Брле истакна, се отстранува вековната неправда над кравите - да им се тегнат вимињата. Воедно и се олеснува работата на сточарите: само ќе ја подметнат кофата и готово. Брле Ајвановски истата операција успешно ја примени и кај овците и козите, а уапсен е кога зафатот сакаше да го примени кај жените тврдејќи дека градите служат за уживање. Животот го заврши во лудница - на државна цицка.
Саде Збрцески
Народната „Боцни прачка - пиј вино“ му беше животна максима. А видеше нива: боцни - пиј чинеше. Кај што му се даде, се изнабоцка Саде. Сакаше да им ја олесни работата на земјоделците, па брцаше место нив. На некои им пречеше, другите го сметаа за свој. Не беше којзнае што неговата работа, ама овдеонде ќе му се природеше по нешто. Последните што го виделе велеа дека Саде брцал како луд сé додека сопственикот на нивата не се исплашил да не би Саде да има поуспешен род од него. И го збрца Садета два метра под земја.
Шуше Безвезов
Законот за живеење без врски е неговото животно дело. Како што милуваше да каже Шуше: Сега можете да живеете нормално, без да Ви требаат врски за тоа. И колку само беше во право. Сé се реши со едноставно воведување тарифа. Сакаш поволна пресуда толку шушки, сакаш успешна операција волку, сакаш преодна оцена плати онолку... И сé како подмачкано. Врските изумреа побрзо и потрајно од диносаурусите. А Шуше, слава му, сé што имаше тутна за плац во алејата на великаните.
Затемнување
11.08.1999
Затемнување на сонцето - последно овој век.
Најпрвин паднав од точакот, а потоа и ќерка ми падна - од креветот. Јас без видливи последици, таа со црвен и изгребан нос и модринка над левото око.
Вчера, надве натри, местевме полици за книги со другар ми. Денеска редејќи ги книгите средната полица се накриви доволно за да ги истресе книгите и да ја исплаши Ана, ќерка ми.
Бети, жена ми, се налути, а капак на сé стави баба ми која дојде да објаснува колку и зошто книгите не биле потребни.
„Јас, кога се зедов со дедо ти, што да имаше книга дома му ја изгорев. Отсекогаш сум мразела книги. Јас си сакам чиста куќа, а не да ми биде целата расфрлана со книгишта. Колку тежат тие толку прашината им тежи.“
Се обидов да докажувам дека книгите ќе се најдат, ако за ништо друго, тогаш за времето кога Ана ќе појде на училиште, ама попусто:
„Ајде море, од тие книги она да учи. Она има да учи енглески, а не Рацин и Цепенко, тие селачиштата. Земи фрли ги книгите и нареди си на полициве срча да заличи собава, а не тука да паѓаат!“
Неволно, ама нели те имаат во раце, а и под притисок на зовриената крв, направив селекција и три кутии со „помалку битни“ книги отидоа на ѓубре.
Еден си ги собра и утре сигурно ќе ги осамне среде плоштадот „Македонија“ како ефтини книги за љубители на правливи куќи.
Останатите книги ги наредив на полиците. Баба ми пак се јави:
„Море, многу се тешки, што не ги фрлиш?“
Сега фрлив три кутии, цели петсто марки се во нив! - се обидов да ја фатам на сентимент- парите, ама:
„Јас да имам пари уште петсто ќе ти дадам и овие другиве да ги фрлиш! Книга во куќа ти е жива болест!“
Занемев.
А спомнав ли дека имаше затемнување на сонцето?
Цели деведесет и еден процент, за Македонија сосем доволно, се разбира.
Затемнување на сонцето - последно овој век.
Најпрвин паднав од точакот, а потоа и ќерка ми падна - од креветот. Јас без видливи последици, таа со црвен и изгребан нос и модринка над левото око.
Вчера, надве натри, местевме полици за книги со другар ми. Денеска редејќи ги книгите средната полица се накриви доволно за да ги истресе книгите и да ја исплаши Ана, ќерка ми.
Бети, жена ми, се налути, а капак на сé стави баба ми која дојде да објаснува колку и зошто книгите не биле потребни.
„Јас, кога се зедов со дедо ти, што да имаше книга дома му ја изгорев. Отсекогаш сум мразела книги. Јас си сакам чиста куќа, а не да ми биде целата расфрлана со книгишта. Колку тежат тие толку прашината им тежи.“
Се обидов да докажувам дека книгите ќе се најдат, ако за ништо друго, тогаш за времето кога Ана ќе појде на училиште, ама попусто:
„Ајде море, од тие книги она да учи. Она има да учи енглески, а не Рацин и Цепенко, тие селачиштата. Земи фрли ги книгите и нареди си на полициве срча да заличи собава, а не тука да паѓаат!“
Неволно, ама нели те имаат во раце, а и под притисок на зовриената крв, направив селекција и три кутии со „помалку битни“ книги отидоа на ѓубре.
Еден си ги собра и утре сигурно ќе ги осамне среде плоштадот „Македонија“ како ефтини книги за љубители на правливи куќи.
Останатите книги ги наредив на полиците. Баба ми пак се јави:
„Море, многу се тешки, што не ги фрлиш?“
Сега фрлив три кутии, цели петсто марки се во нив! - се обидов да ја фатам на сентимент- парите, ама:
„Јас да имам пари уште петсто ќе ти дадам и овие другиве да ги фрлиш! Книга во куќа ти е жива болест!“
Занемев.
А спомнав ли дека имаше затемнување на сонцето?
Цели деведесет и еден процент, за Македонија сосем доволно, се разбира.
01/03/2007
Животен круг
Ќе дојде од твоите наследници некој,
ќе разбуричка сé што си збирал со векој.
Малку ќе чува, многу ќе фрли,
дур ти утеха бараш во гладните црви.
ќе разбуричка сé што си збирал со векој.
Малку ќе чува, многу ќе фрли,
дур ти утеха бараш во гладните црви.
Кревет
Може да биде нестварно убав
или пак обична даска
битно е само сон да ти дари,
на јавето волшебна маска.
или пак обична даска
битно е само сон да ти дари,
на јавето волшебна маска.
Крајот, родниот
Од срцето до таму пат еден, само еден.
Те чека ли, чека, да, тебе, само тебе.
Условот е да ја сакаш и толку, само толку.
Ја напушташ ли – грев е, о, да, грев е.
Зар збор да смениш за цена? Која цена?
Родина зар имаш и друга? Нема друга.
Патот бележан со врвца од папок, твојот папок,
води во блаженство и спокој, или покој.
Оти од искон смислата на рајот е во крајот, само крајот.
Те чека ли, чека, да, тебе, само тебе.
Условот е да ја сакаш и толку, само толку.
Ја напушташ ли – грев е, о, да, грев е.
Зар збор да смениш за цена? Која цена?
Родина зар имаш и друга? Нема друга.
Патот бележан со врвца од папок, твојот папок,
води во блаженство и спокој, или покој.
Оти од искон смислата на рајот е во крајот, само крајот.
Заминување
Заминуваш, веројатно, без поздрав
во некој нов свет – посакуван, а клет,
но не ти е страв, оти по патот што до спокој води
само со смртта, како друшка, се оди.
во некој нов свет – посакуван, а клет,
но не ти е страв, оти по патот што до спокој води
само со смртта, како друшка, се оди.
Соочување
По долго време првпат сами. Еден спроти друг. Колку само време изгубено? Зошто? Зошто не ти се посветував?
Секој одговор би бил безначаен, неважен, несоодветен, невистинит.
Ниту, пак, има потреба од одговори. Летнатото време никогаш веќе нема да слета кај нас. Да го искористиме ова што е со нас.
Зошто си тука? Што гледаш во мене? Дали само некој кој ќе те наполни, поганејќи те така? Или, пак, човек кој, исполнувајќи те, ќе направи да се чувствуваш горда што постоиш, што ете некому си потребна и не може без тебе, што некому даваш волја за живот, што некого правиш човек?
Ќе дознаам кога ќе решиш да ми кажеш.
А јас? Јас не знам како да те гледам. Како света белина врз која не смее да се истура никаква гнасотија, ни капка жолч исцедена од најскриените сокови на неживотот? Или како обична хартија врз која ќе истресам сè од душата, а ти ќе жалиш што не си завршила во нечиј нужник?
Ти кажи ми!
Секој одговор би бил безначаен, неважен, несоодветен, невистинит.
Ниту, пак, има потреба од одговори. Летнатото време никогаш веќе нема да слета кај нас. Да го искористиме ова што е со нас.
Зошто си тука? Што гледаш во мене? Дали само некој кој ќе те наполни, поганејќи те така? Или, пак, човек кој, исполнувајќи те, ќе направи да се чувствуваш горда што постоиш, што ете некому си потребна и не може без тебе, што некому даваш волја за живот, што некого правиш човек?
Ќе дознаам кога ќе решиш да ми кажеш.
А јас? Јас не знам како да те гледам. Како света белина врз која не смее да се истура никаква гнасотија, ни капка жолч исцедена од најскриените сокови на неживотот? Или како обична хартија врз која ќе истресам сè од душата, а ти ќе жалиш што не си завршила во нечиј нужник?
Ти кажи ми!
Subscribe to:
Posts (Atom)