10/03/2007

Усре Цуцкин


Се плашеше од мајка му оти се плашеше од вештерки. Се плашеше од татко му оти се плашеше од ѓаволи. Неучен остана од страв од книжниот прав. Од жени се плашеше, затоа не се ожени. Да работи не ни помислуваше плашејќи се да не стане нечиј роб. Друштво одбегнуваше, да не го зафркаваат. Пазаруваше само кога мораше. Но, покрај сé, тој бестрашно ги следеше сите собраниски седници. Гледаше, слушаше, бележеше. Дури, за своја душа, подготви и збирка парламентарни мудрости. Ѓаволот го натера да се пофали за своето дело. Нагрнаа кон него новинари од сите страни. Кога ја виде таа шума од микрофони, камери, светла, раце и апарати, Усре само крикна: „Не сакам да ме закопате, се плашам од темно!“ Ги ококори очите и се усра за последен пат.

No comments: