02/03/2007

Страшо Трепетликовски


Два прста веѓи, орелски нос, стисната усна, испакната долна вилица - од изгледот му се плашеле. Отворел ли уста - чаши од маса подигал. Еден глас ко ќе пуштел, така ќе ти затопотело ушното тапанче што чиниш цела филхармонија ти е в уво пикната. За обезбедување цар бил. Кому Страшо грб му чувал тој топ не го биело. А самиот од ништо не се плашел. По минско поле со трчање шетал, со заби на гадовите врат им кинел, со гради куршум запирал, ако се барало тоа од него. Го убила кикирика. Му залетнала. Барал помош, ама никој немал храброст да му пријде. Првпат во животот, ококорил очи од страв. Така и му останале.

No comments: