02/03/2007

Затемнување

11.08.1999
Затемнување на сонцето - последно овој век.
Најпрвин паднав од точакот, а потоа и ќерка ми падна - од креветот. Јас без видливи последици, таа со црвен и изгребан нос и модринка над левото око.
Вчера, надве натри, местевме полици за книги со другар ми. Денеска редејќи ги книгите средната полица се накриви доволно за да ги истресе книгите и да ја исплаши Ана, ќерка ми.
Бети, жена ми, се налути, а капак на сé стави баба ми која дојде да објаснува колку и зошто книгите не биле потребни.
„Јас, кога се зедов со дедо ти, што да имаше книга дома му ја изгорев. Отсекогаш сум мразела книги. Јас си сакам чиста куќа, а не да ми биде целата расфрлана со книгишта. Колку тежат тие толку прашината им тежи.“
Се обидов да докажувам дека книгите ќе се најдат, ако за ништо друго, тогаш за времето кога Ана ќе појде на училиште, ама попусто:
„Ајде море, од тие книги она да учи. Она има да учи енглески, а не Рацин и Цепенко, тие селачиштата. Земи фрли ги книгите и нареди си на полициве срча да заличи собава, а не тука да паѓаат!“
Неволно, ама нели те имаат во раце, а и под притисок на зовриената крв, направив селекција и три кутии со „помалку битни“ книги отидоа на ѓубре.
Еден си ги собра и утре сигурно ќе ги осамне среде плоштадот „Македонија“ како ефтини книги за љубители на правливи куќи.
Останатите книги ги наредив на полиците. Баба ми пак се јави:
„Море, многу се тешки, што не ги фрлиш?“
Сега фрлив три кутии, цели петсто марки се во нив! - се обидов да ја фатам на сентимент- парите, ама:
„Јас да имам пари уште петсто ќе ти дадам и овие другиве да ги фрлиш! Книга во куќа ти е жива болест!“
Занемев.
А спомнав ли дека имаше затемнување на сонцето?
Цели деведесет и еден процент, за Македонија сосем доволно, се разбира.

1 comment:

Anonymous said...

интересно...