02/03/2007
Ибре Зевзековски
Ибрик - шупливиот сад за носење вода нема врска со неговото име. Тоа му е од неговата чест извик: „И, бре!“ И, бре, белја! - рече кога ја изгуби љубовта на својот живот обидувајќи се да ја прстенува, при што таа загуби дел од прстот, а тој неа. И, бре, златна работичка изгубив! - се пожали кога пред тринаесетмина, за кои подоцна дозна дека биле Управен одбор, му подаде на несудениот му директор плико велејќи: „Еве, десет илјади, како што баравте.“ И, бре, нов, а не му работат кочниците! - рече кога на саем проба еден комбајн и со него покоси два-триесет посетители. И, бре, штета, ќе го мине животот по затворите! - коментираа оние што мислеа оти го познаваат. И, бре, не било толку страшно! - помисли кога, место на затворските, зачука на рајските порти. И, бре, зевзек! - призна кога го вратија оти самоубијци не примале.
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment