02/03/2007

Трутче Парталковски


Во шупата кај што се роди немаше со што друго да го завиткаат освен со партали и картони. Оти едно машко, го чуваа од работа. Кога наполни дваесет, му донесоа невеста да го чува и да работи за него. Жена му цел ден собираше старудии по градот, а дечињата, машала седум ги наклепа, беа распоредени, со подадена рака, по семафорите. Трутче, рано наутро, правеше напор да стигне до блиската меана и тука чекаше, пред фајронт, жена му да му го плати цехот и да го прибере дома. Една вечер жена му не дојде по него. Не дојдоа ниту децата. Стана сам да си оди. Изморен од напорот кој го направи, кога стигна веднаш се свалка во креветот да се одмори. И не стана - немаше кој да го разбуди.

No comments: