02/03/2007

Зијанчо Дембелковски


Израснал со постојана грижа од двете баби. Татко му по цел ден на партиски состаноци, мајка му на маалски. Од што му било убаво со бабите, не сакал ни да помисли на училиште, а не пак да оди. Откако секретарката го информирала, таткото на Зијанчо морал да плати учители да доаѓаат дома да му го приучат синот. И убаво го приучиле, да не му умрел учителот ќе докторирал. Татко му му оставил пет-шест фирми да има колку за да преживее. И никогаш Зијанчо не останал со куси ракави. Особено не во коцкарниците каде редовно ја усовршувал својата вештост со картите. Пожар во казиното му го зафатил палтото и излегле на виделина неколку подгорени карти. Среќа што целиот имот бил препишан на жена му. Го зијанил само животот.

No comments: