Имаме ние стручни лица кои се занимаваат и со потеклото на имињата на населените места во Македонија. Една од нив е и Д-р Елка Јачева - Улчар од Институтот за македонски јазик„Крсте Мисирков“, која докторирала на тема за топонимите во Тиквешијата.
Во саботното издание на „Вест“ има текст во кој со неа новинарката Соња К. Делевска разговара за некои имиња од Македонските топоними.
Ај да Ве запознаам со некои од нив: (здебелените букви се нивни, другите мои)
„...некој истражил и објаснил дека името на селото (Подмочани) доаѓа од составот „под моч“, што значи место што се наоѓа под моч, под мочурливо и влажно место. Луѓето доселени од ова место формирале село, кое се нарекло по мочурливото место од кај што дошле.“
Оти пак да не е од тоа што имале некој мајтапчија во селото па сите се подмочувале од смеа? Или пак над селото имало некое место каде мочала стоката, а долу се слевало па го нарекле така?
„Селото Кури Дере значи сув дол и е со турско потекло. „Кури“ значи сув, „дере“ е дол. „Куру“ е, всушност, оригиналниот турски збор со значење сув.“
Значи е Куру Дере. А што ако имало некој ербап во селото кој бил ептен мајстор за сунетисување, па селото се прочуло по него и во негова чест го нарекле Кури Дере?
„...името Паликура има грчко потекло. „Палаиос“ е грчка придавка, со значење стар, вели таа. И именката „хорион“ е грчка, а значи село, па, според тоа, Паликура е Старо Село.“
Значи е Палаиос Хорион или Палахори! Зарем не може да е навистина од некој настан кога некоја невеста чиј маж бил на нива или на печалба, нападната од некој поганик, бранејќи си ја честа му го запалила берокуќникот? А Ибе Паликуќа е всушност Ибе Старакуќа?!
„Прдејци потекнува од лично име Прде, Прдо, Прдан, односно од фамилијарното име Прдевци.“
Ова ми е појасно, баш вчера се сретнав со Прдо кој ми раскажуваше за дедо му Прде и другар му од војната Прдан. Не треба ни да кажувам дека се презиваат Прдевци! Инаку, би можело да биде и од добредојдето на некој домаќин кој ги дочекувал дојденците со „Пријдејте си“ што на тамошниот дијалект звучи отприлика „Пр’дејт’си“!
„Во околината на Скопје има село кое се вика Грешница. Звучи како да станува збор за жена со гревови, но во основата на овој топоним е зборот градец, или мало гратче.“
Ај, како се изменило од град до грев? Иако градовите се легло на гревот!
„Во Злокуќани, вели Елка Јачева - Улчар, не живеат зли луѓе во зли куќи, туку ова село го добило името по зборот лош кат, агол, кут.“
Е да, куќа е инаку странски збор кој не е најјасно што значи и што воопшто бара во нашиот јазик! Види што убаво си оди Злокут, па жителите Злокутјани, а не некакви зли куќи, особено не во оној делот заграден, па со чувари па...
„Издеглавје, пак, асоцира на изедени глави, но во толковниците стои дека тоа е село кое потекнува од личното име Здеглав и дека било село што му припаѓало на некој човек со такво име.“
Понекогаш се прашувам „зошто ли не ме крстиле Здеглав?“ а што умни глави би изел!
П.С. Инаку името на госпоѓа Елка не е како што мислите од таму некое си дрво кое расте низ Македонијава туку спој од зборот „Ел“ односно „Ил“ кој и на аријски и на арамејски значи „Бог“ и зборот „Ка“ кој на аријски значи „сила, животна сила, енергија, светлина“.
No comments:
Post a Comment