27/03/2012

Новиот расказ

Раскажувачот, како скоро секој ден така и овој, по враќањето од работното место и по скромниот, оти толку му дозволуваше платата, ручек, се пикна во сопчето, се намести на столчето пред работната маса како кокошка јајценосна и почна да квачи. Квак – една мисла, квак – друга мисла. Мисла по мисла – гердан од мисли, ги собира во еден расказ за мисли. Неговите дела ги полнеше со од мозокот најмудрото, од срцето најскришното, од душата најстрадното, најцрното, најтажното. Се ставаше во нив себеси, сосе семејство како миродија, неопходна за да заличи манџата на стварност. Буташе внатре вистини, чуени, знаени и искусени; толку едноставни а за човекот насушни. Го водеше желбата да им го каже на луѓето она што од секогаш го знаеле, но го потиснале во себе како нешто срамно и гнасно, и она од кое ќе станат подобри и покорисни, она од кое ќе станат полуѓе. Длабоко запатен во големиот свет на малкуте букви каде шеташе од збор до збор, ги потчукнуваше со прстите, туп-туп, како лубеници одбирајќи кој да го откорне и пресади во белата сèродна хартиена нива, го стресе продорниот и подмолен звук кој брка мисли: динг-донг. Истрпна, „Така ѕвонат само паропиите“ - си помисли и се сети оти последните денарчиња им ги даде на децата за сладолед – им било иштаф. Му поолекна кога го виде Орде, орденоносец од последната борба за родината, но пак му стежна кога од мирниот, молежлив глас на соседот слушна дека им капело од таванот во нужникот, што значеше отприлика: Викај мајстор оти ќе нè исподавиш на стомак празнење или снага миење. Орденџијата си замина. A Раскажувачот се мушна во својот сув нужник да ја гледа со презир новопоставената скапа чешма која за разлика од старата, не капеше во кадата, ама ете капела кај комшијата, и да домислува од каде да најде пари за сега неопходниот водоводџија. Така замислен и задуман го затекнаа жената и децата кои веднаш се разиграа околу него како чавки околу високо дрво и почнаа да гракаат. Грак – вака беше, грак – онака беше; гракнуваа настан до настан. Среде тие гракања, Раскажувачот одеднаш слушна милозвучна песна од устата на својата сопруга: „Денеска запознав еден мајстор, водоводџија, да ми бил некој роднина од...“ Не ја дослуша замаен од неочекуваната среќа. Ѝ објасни на жена си во што е проблемот и решија да го викнат роднината, да му ја искушат мајсторијата. Водоводџијата, крупен човек со рачишта црни како душа на бездушник, како судба на работник , се испоздрави со домашните, од денес фамилијата, неговите, и фати да ја суредува клетата чешма. Збор не прозборе дури не ја поправи; „Белким за навек ќе е исправна“ - се надеваше Раскажувачот и го благословуваше мајсторот со златен занает во црните, како нафтоносни полиња, раце. Откако бидна работата, го поканија мајсторот на софра да пивнат ракијчка и да мезнат сиренце и што дал Бог. Отвораа и затвораа муабети за човечката долност и проколнатост да биде скот над скотовите, ѕвер над ѕверовите. Мајсторот зборуваше, Раскажувачот слушаше, дијалог на вода и сунѓер кој демне за можеби да впие некоја за него нова вистина. По три-четвртата чашка, мајсторот решен да си оди, му се обрати на домаќинот: - Ти си учен човек, со школија и факултет, јас пак од четиринаесеттата година сум излезен од селото и рмбам по земјава. Ти живееш во уреден стан во градот, јас пак си изградив куќичка во едно крајгратско село. Ти пишуваш за големите вистини што си ги научил и открил и чинам дека немам право да ти кажувам ништо од моите размислувања оти се скромни, можеби селски, долни и небитни, ама сакам, а и ракијчкава ме тера, да ти кажам како си го замислувам јас човекот. Кхм, ај на здравје! Човекот е полн со жили крвоносни, тие се како водоводни цевки: тече низ нив, тече и еден ден се затнува, тканди, се прави поплава која е штета и за него и за ближните. И тогаш само мајстор или Бог помага. Потоа водоводџијата стана и појде кон вратата, решен да се врати во својот селски рај. Раскажувачот, кој ги испрати пред тоа децата да позајмат пари од соседите за да ја плати поправката, рипна по него и почна да му ги нуди парите кои мајсторот-роднина никако не сакаше да ги земе, „да било за аир во фамилијата!“ Откако се смири станот, Раскажувачот седна над бел лист сакајќи да ја изблуе врз него новата и чудна горчина која почна да го притиска под грлото. Се напрегаше да го пушти од себе тоа насушно потребно обилно излевање, но наместо поплава само од очите почнаа да му капат горчливи бисери над белиот бескрај од кој никогаш веќе нема да биде расказ. Кап-кап, кап-кап, кап...
(Објавено на 21.04.2008)

Коментари: Не сум знаел дека те бива и за пишување на нешта подолги од половина страница! Се зезам. Добар расказ. (С.Ц. 22 Април, 2008 - 07:48) Одличен расказ, не дека е тажен туку навистина убаво стокмено текстче. Продолжи и понатаму да пишуваш. Поздрав. (nesonija 22 Април, 2008 - 08:00) Почна и разкази да пишуваш другар а? Ајде ајде... Читам, и коментирам во себе... ГО БИВА СТРУМИЧКИОТ! поздрав другар до тебе и до Струмица.. Поздрави ми ги другарите ако ги сретнеш по корзо... (sting EYE 22 Април, 2008 - 08:30) Многу убаво Струмјан, многу... ако смеам една минорна забелешка... омноматопејата на крајот, со капењето, ми се стори одповеќе, некако ми го изремети доживувањето на крајот... но тоа е работа на авторот, во секој случај, се пренесов во атмосферата, убаво... (VIP cartoons 22 Април, 2008 - 08:32) С.Ц. – уште изненадувања кријам :) Несонија – само прераскажана вистина. Стинг Ај – со корзото малку потешко ќе биде :( ВИП цртаниот – имаш право, само тоа го додадов, другото е настан кој го прераскажав. (strumjan 22 Април, 2008 - 08:52) убаво кажано - новиот расказ има чиста 10-ка од мене :) (виолетова 22 Април, 2008 - 10:51) Велиш, само крајот го измислив. Крајот е најважен, тој ја оформува целината и го насочува размислувањето на читателот. Овој крај му дава океанска длабочина на расказов... Но има нешто неискажано во него, нешто што тера на повторно навраќање... Сепак, изместувањето на нештата од нивното дотогашно лежиште е евидентно... Колку малку е потребно за тоа... Нешто, што во други оклности би изгледало безначајно... (literanova 22 Април, 2008 - 11:46) Виолетова – ех да бев студент :) Литеранова – што да кажам, ми доаѓа крај да ставам на коментарите и да уживам :) (strumjan 22 Април, 2008 - 16:34) Струмјан, Христос Воскресе! Честит Велигден и нека ви е за многу години празников. (INSOMNIA... 27 Април, 2008 - 19:23)