Си била еднаш Една Приказна.
Си живеела таа убаво ама и било досадно. Сакала да има другарка. Затоа решила да тргне по светот за да најде друга приказна.
И така, тргнала од куќа до куќа и прашувала човек по човек, дрво по дрво, ѕвер по ѕвер, но тие за друга приказна не знаеле.
Тогаш Едната Приказна отишла кај месечината. Прашала дали таа знае за некоја друга приказна, но месечината одговорила дека досега, освен неа, друга не видела. Ама, рекла месечината, јас патувам ноќе па можеби и не сум видела сė, затоа прашај го сонцето тоа најдобро знае оти го гледа светот осветлен.
Едната Приказна веднаш тргнала кон сонцето и по некое време пристигнала кај него. Сонцето ја пречекало како што се пречекува драг гостин. Едната Приказна му ја кажала својата мака и прашала дали сонцето видело и друга приказна на овој свет. Сонцето и предложило утредента заедно да се искачат на небото и да погледнат по светот.
Утредента, кога се искачиле на небото Едната Приказна имала што да види. Секоја куќа, секој човек, секое дрво, секој ѕвер, сė ... сė што посетила си имало своја приказна.
Пресреќна што веќе не е сама, Едната Приказна му се заблагодарила на сонцето и се вратила дома да им се радува на новите другарки приказни кои ги имало колку ѕвездите на небото.
(Објавено на 20.07.2008)
Коментар:
Приказна за приказната.... во сонот сон ;):)
Поздрав
(oksimoron 20 Јули, 2008 - 16:10)