25/03/2012

Како почна

Сурфам јас така, како што е нормално, те ХХХ те Рапид, ова-она... кога слушам трешти нешто. Си викам: тоа моите пробуваат да ме тргнат од компјутерот или за вечера или за да одиме кај некоја досадна тетка која ќе го слави сто и којзнаекој роденден. Трас. Втор пат. Ми заигра сликата на мониторот, баш кога една си ги тресеше разголените, па си реков од тоа е. На третото „Трас“ ми откажа WiFi-то, ми се појави некоја чудна слика на екранот, некоја рака со фино маникирани нокти и ми впери прст во мене. Дури тогаш сетив мирис на чадено месо. Станав да си земам грицки и минувајќи крај огледалото гледам сурат како со „Sin city“ технологија да е правен. Ќумуросан, со црвени очи и фризура „штекер“. Инстинктивно се стрчав назад кон компјутерот. Таму тоа прстот ми клати заканувачки, а Skype-прозорчето ми рипаше - демек некој ме бара. Е ај, си реков. Турив слушалките и го прифатив повикот. - Слушај Боге овде Бог е! - Ник и Аватар имаш? - Немој ти мене со тие индо-американски филозофии, туку слушај убаво што ќе ти кажам! - ??? - Од овој миг, ти ќе бидеш моја десна рака. - Јас... јас да судам и пресудувам заедно со тебе?! - Не преносна, туку буквална десна рака, а можеш да се служиш и со левата. Од денес ти ќе пишуваш на блог место мене! - Ама јас ниту блогирам, ниту сакам, а ниту знам како... - Немај гајле, сé сум ти средил. Сé е наместено, ти само треба да внесуваш. Еве ти корисничко име **** и шифра ********! - И сега јас треба да мислам што да пишувам?! - Не, скраја да е, ги знам јас твоите мисли! - ?!! - Ќе пишуваш сé што ќе ти кажам Јас или некој друг од горниов свет! - А како ќе ми кажувате? - Наша работа, важно е ти да објавуваш за да може народот да ја види нашата порака. - Избор немам, нели? - За среќа, не!