25/03/2012

Зборува Тито

Па, добро бре, мамицата империјалистичка! Толку време мина откако ве оставив сами, а вие... Ај, од република - држава направивте. Ај, од комунисти - демократи направивте. Од другарки и другари - госпоѓи и господа. Ама оти дозволивте, трулиот запад, да ви наметне и маркетинг-религија? Па нели ве учев дека религијата е опиум за народот?! А вие шмркате ли шмркате! Толку сте се навлекле, на Голи оток човек да ве однесе, камениот прав ќе го шмркате! Ние во Јајце го кршевме отпорот на непријателот, а вие сега јајца кршите. И, ај, додека ги вапцавте црвени некако и ви простував, ама сега гледам сите бои сте ги опнале, па и Нато бојата бре, мамето капиталистичко! Само да ви кажам, ве лажат оти не чинел комунизмот. Ако не чинел, зошто овде, на небово, владее чист комунизам? Секому му даваат според потребите и заслугите, нема што нема. Сите сме иста класа, нема поеднакви меѓу еднаквите. Комунизам над комунизмите! А бе рај, што би рекле вие долу. Жими пурава! И една другарска критика до вас. Добро бе, информбировци едни! Јас и таму и тука се утепав лобирајќи за вас. Врски на сите страни испофаќав за да ве биде, а вие како ми враќате? Со биртии некакви! Сталинисти! И сé тоа оти слепо им верувате на Американците! Северен блок - ладен блок. Море и лажен блок. Уште на времето тие ми нудеа помош, те пари те чуда, ама јас не бев наивен како вас. Од сите подароци, само јајцата од Труман ги прифатив. добро де и по некое чоколатце. А вие - сé! Е па сé, ама да ве видам кога ќе треба да ги вапцате јајцата, од Труман! Буржуи низаедни!